Обновен Националниот контакт центар за економски ковид мерки
На иницијатива на вицепремиерот Фатмир Битиќи, Владата донесе одлука за возобновување на Националниот контакт центар, на кој преку бесплатната телефонска линија 0800 00 207, граѓаните во директна комуникација со операторите, кои се професионалци од соодветните институции, ќе може да добијат информации за економските мерки кои ги носи Владата за справување со кризата предизвикана од коронавирусот (КОВИД-19), соопшти владината прес-служба.
Националниот контакт центар започна со полна оперативност од денес, а на повиците на граѓаните, секој работен ден од 08:00-16:00 часот, ќе одговараат лица вработени во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Генералниот секретаријат на Владата, Управата за јавни приходи и Развојната банка на Република Северна Македонија.