Партиите го честитаа членството на Северна Македонија во НАТО
Владејачката СДСМ денеска преку соопштение оценува дека подигнувањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел е„историски момент за сите наши граѓани“.
„Обезбедена е нашата иднина, загарантиран е територијалниот интегритет и суверенитет на Северна Македонија, а тоа значи сигурни и безбедни граници и мир во државата. Пред нас е да се избориме со здравствените и економски предизвици од коронавирусот, а потоа продолжуваме уште позасилено со европската агенда“, наведуваат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, во соопштението наведува дека „на сите граѓани на Република Македонија и им го честита членството во НАТО, што преставува остварување на стратешката определба и е резултат на исполнети реформи и вложен макотрпен труд на многу генерации претходно.
„НАТО преставува нашиот заеднички бедем и организација каде Македонија може да ги реализира нејзините стратешки интереси“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска македонското знаме беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.
Македонското знаме кренато пред седиштето на НАТО, Северна Македонија 30-та членка