Босански медиуми: Најголем дел пратката со кокаинот требало да заврши во БИХ
Државната агенција за истраги на БиХ на својот сајт денеска објави дека во соработка со полициските и правосудните органи на Италија, Македонија и Црна Гора учествувала во реализација на меѓународна оперативна акција за да се пресече ланец на меѓународна трговија со опојна дрога кокаин.
При реализацијата на оперативните активности, откриени се и привремено одземени поголеми количини опојна дрога кокаин.
Полициските службеници на територијата на БИХ од слобода лишиле две лица, сослушале повеќе сведоци, и извршиле претреси на повеќе лица и објекти како доказ во натамошната кривична постапка, се наведува во објавата на агенцијата за истраги на БИХ.
Босанските медиуми пишуваат дека најголем дел од кокаинот, вреден околу 50 милиони евра, запленет од италијанската полиција во количина поголема од еден тон во меѓународна акција, требало да заврши на пазарот ви БиХ.
Еден килограм запленет кокаин во Крушопек, четворица приведени
Како што е познато деновиве министерот за внатрешни работи Наќе Чулев информираше дека во скопското село Крушопек бил запленет еден килограм кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била земјава.
Чулев не сакаше да каже за колква количина на дрога станува збор, со оглед на тоа што некои медиуми излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тони кокаин, нагласувајќи дека во интерес на истрагата не може да кажува официјално такви податоци, но напомена дека станува збор за „многу, многу голема количина“.