Украинската министерка за здравство во карантин со евакуираните од Вухан
Украинската министерка за здравство ќе помине две недели во карантин со евакуираните од Кина во обид да ја намали паниката од коронавирусот поради која насобрани демонстранти вчера нападнаа автобуси во кои беа донесените украински и странски државјани од Вухан, епицентарот на заболувањето.
Вчера дојде до насилства во градот Нови Санзхари кој се наоѓа во источниот дел од Украина каде што евакуираните треба да ги поминат 14 дена во карантин. Насобраните со камења скршија прозорец на еден од автобусите, а засега не се знае дали има повредени внатре. Во полициското соопштение се наведува дека девет полицајци и еден цивил се хоспитализирани по судирот, а 24 демонстранти се приведени.
Евакуираните Украинци од Вухан дочекани со камења во Украина
Украинските власти соопштија дека 45 Украинци и 27 странци, медицински персонал и екипажот биле во авионот кој полета од Вухан. Во обид да ја смири паниката министерката за здравство Зорјана Скалетска рече дека ќе им се придружи на евакуираните и ќе биде со нов 14 дена бо истите услови.
Министерството за здравство пак соопшти дека во градот во кој живеат 10 000 луѓе ќе има околу 200 полициски патроли во околината на медицинската установа во која евакуираните ќе бидат во карантин.