Од утре се намалува чекањето на границата со Србија
Утре на граничниот премин Табановце- Прешево со Србија стартува заедничкото гранично управување. Ваквиот концепт треба да овозможи помалку контроли и царинење и забрзување на протокот на патници, стока и превозни средства. Со едно застанување на заедничка испостава се очекува двојно да се намали времето на чекање за граѓаните и превозниците.
Почетокот на проектот за интегрирано гранично управување „One stop shop” ќе го означат премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ , која со таа активност ја почнува официјалната посета на државава.
За патниците и транспортерите кои од Србија ќе се движат кон државава српската гранична служба ќе спроведе излезна контрола на наша територија на ГП Табановце, додека контролата за оние кои патуваат од кај нас кон Србија излезната контрола македонските гранични служби ќе ја спроведат на српска територија, на граничниот премин Прешево.
Покрај забрзан проток на патници, стока и превозни средства, заедничкото царинење, меѓу останатото, треба да овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли, како и да се намали можноста за царински измами, поради директниот увид во комерцијалните документи што ја следат стоката.
Заедничка контрола, покрај на граничниот премин Табановце, се подготвува и на железничкиот премин Табановце и на Ќафасан кон Албанија. На ГП „Ќафасан“ веќе се одвиваат градежни работи за надградба на објектите.