Самитот на Г7 посветен на Иран, трговските војни, пожарите во Амазон
Лидерите на земјите од Г7 на самитот во Франција ќе разговараат за нуклеарната програма на Иран, за трговските војни и за пожарите во Амазонските шуми. Претседателот на САД, Доналд Трамп и новиот британски премиер Борис Џонсон се меѓу лидерите кои учествуваат на дводневниот самит во одморалиштето Бијариц, што започнува денеска. Домаќин на самиот е францускиот претседател Емануел Макрон. На самитот учествуваат и лидерите на Германија, Канада, Италија и Јапонија, а индискиот премиер Нарендра Моди треба да присуствува како гостин и со останатите ќе разговара најверојатно за кризата во Кашмир.
По заминувањето од Вашингтон, Трамп им рече на новинарите дека очекува „многу продуктивни“ разговори со неговите колеги од Г7. Тој, исто така, ја повика Франција да се откаже одплановите за наметнување данок на продажба на американските технолошки гиганти како Гугл и Фејсбук, заканувајќи се дека ќе возврати со такси на француските вина.
Макрон рече дека се надева дека ќе ги убеди водачите на Г7 да се повлечат од трговската војна што веќе го дестабилизира економскиот раст низ целиот свет.
Самитот на Г7 ќе биде „тежок тест за единство и солидарност“ поради неможноста на лидерите на земјите членки во текот на изминатата година да најдат заеднички јазик, рече претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој рече дека трговските војни меѓу седумте богати нации дополнително ќе ја уништиле довербата меѓу нив.