Ахмети: Политичките противници да се оградат од „бомбите“ за ДУИ
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети ги повика сите негови политички противници да се оградат од „бомбите“ што се споделуваат за неговата партија.
Како што вели со тоа нема да добијат ништо, затоа што се само сервис во рацете на политичката полиција.
На првото собрание на ДУИ што се одржа во Сарај пред партискиот конгрес Ахмети имаше свое обраќање, на кое тој зборуваше за, како што рече, пропагандата која сите на див начин и како волци ја организираат против ДУИ.
„Каде им се фактите, нека покажат еден аргумент од десетиците илјади прислушкувања дека некој од ДУИ ја има злоупотребено власта и довербата, дали овие луѓе мислат дека Албанците пасат трева и ќе нè казнат нас поради приватни разговори, тие може да имаат краткотраен ефект, но подоцна граѓаните ќе почнат да размислуваат“, изјави тој.
Ахмети рече дека како претседател на ДУИ прв ќе ги поздрави издржаните докази против функционери од неговата партија.