Османи: Не гледам со кои аргументи би се блокирале преговори во јуни
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска во Брисел изјави дека не гледа аргументи со кои земјите членки би можеле на јунскиот Совет да го блокираат или одложат
датумот за преговори со Македонија, јави МИА од Брисел.
Османи беше поканет да говори во Европскиот центар за политики (ЕПЦ) за напредокот на Македонија кон ЕУ. Тој, утрово се сретна со претставници на земјите членки, со еврокомесарот Јоханес Хан и со шефицата на дипломатијата
Федерика Могерини.
Одговарајќи на новинарско прашање, Османи рече дека „ќе биде тешко да се изнајдат аргументи да се блокира земјата откако го постигна историскиот договор со Грција и испорача сѐ што се бараше од неа“ во контекст на реформскиот процес и трите услови поставени лани на Советот за општи работи за старт на преговорите оваа година.
Османи смета дека неиспорачувањето на преговори во услови на исполнети реформи и болни компромиси со соседите ќе го поткопа кредибилитетот на европските институции во очите на македонските граѓани, но и ќе опадне ентузијазмот за реформите кај сите.
Вицепремиерот исто така потсети дека имплементацијата на Преспанскиот договор на домашен план е поврзана со отворањето на преговарачките поглавја, што, според него, е уште една причина што побргу да се отворат преговорите со Македонија