Владата утврди текст на Предлог-законот за Агенција за национална безбедност
Владата на денешна седница утврдила нов текст на Предлог-законот за Агенција за национална безбедност, чие донесување ќе овозможи реформирање на Управата за безбедност и контраразузнавање и која повеќе нема да биде орган во состав на Министерството за внатрешни работи, информираа владината прес-служба. Во соопштението се наведува оти се предлага основање на Агенција за национална безбедност како модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава.
Од Владата информираат дека целта на предложениот закон е надминување на недостатоците утврдени во извештаите на ЕУ. Оттаму соопштуваат дека на седницата е утврден и новиот текст на Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија, со кој се предвидува формирање посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување одлуки. Од Владата велат дека Предлог-законот произлегува од усвоените заклучоци од Советот на ЕУ на 26 јуни 2018 година.