Таравари обвинува дека повторно му се одземени ингеренциите во образованието
Градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари на Фејсбук објави дека на општината повторно и се одземени ингеренциите во бразованието, обвинувајќи ги политичките опоненти од ДУИ.
„Со длабоко жалење ве известувам дека денес на Општина Гостивар повторно му се одзедоа ингеренциите во образованието. Оваа одлука дојде од централната власт, т.е. од партиите ДУИ и СДСМ, иако верувам дека вторава нема голема улога во одлукава“, напиша Таравари.
Тој истакнува дека општинската власт и покрај лошите услови нема никаква повреда што води кон ваква флагрантна одлука и побара лично премиерот да се заинтересира за овој случај бидејќи, како што наведува, тој ги нема вистинските информации.
Надлежностите на градоначалникот на општина Гостивар во делот на именување и разрешување на директори на општински основни и средни училишта претходно му беа одземени лани овој период.
Тогашната министерка за образование и наука Рената Дескоска како образложение за тоа наведе дека градоначалникот не можел да воспостави законитост во работењето во делот на образованието. По речиси една година ингеренциите повторно беа вратени
на локално ниво, а со тоа пак беа извршени промени на директорските позиции.