Заев и Ципрас телефонски разговарале по оставката на Коѕијас
Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас телефонски разговарале по оставката на Никос Коѕијас, соопшти портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос за грчките медиуми.
Ѕанакопулос наведува дека двајцата премиери се согласиле и повториле дека работат на имплементација на Договорот од Преспа.
„Премиерот контактира многу редовно со господинот Заев. Очигледно е дека премиерот на соседната земја нема да ги коментира внатрешните ситуации и внатрешната сцена во Грција, наспроти тоа се согласија и го повторија она што им е на сите познато дека и двајцата работат за Балкан на 21. век и двајцата работат за имплементација и стапување во сила на Договорот од Преспа, рече Ѕанакопулос.
Грчките медиуми јавуваат дека Ципрас го информирал Заев за она што се случило околу оставката на Коѕијас и за тоа дека тој лично го презема Министерството за надворешни работи, додека пак Заев на Ципрас му ја пренел ситуацијата во Македонија за гласањето во Собранието и позицијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.