Влада: уставните амандмани ќе бидат формулирани по гласањето во Собранието
Владата ќе пристапи на изработка на уставните амандмани дури откако ќе заврши работата во Собранието со изгласување на потребата за нивно изготвување и најдобро е тие да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.
„Премиерот Заев е трет ден во Собранието. Сите пораки се кристално и јасно искажани од собраниската говорница. Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи како што вели и премиерот пресериозна е работата. Амандманите ќе ги прави Владата и најдобро е да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус во духот на Договорот од Преспа“, рече Бошњаковски.
Тој додаде дека начинот на кој ќе бидат формулирани амандманите и што се ќе содржат, ќе биде познато кога ќе заврши гласањето во Собранието, рече Бошнаковски.