Десетици загинати во терористички напад во Кабул
Бројот на загинати во самоубиствениот бомбашки напад во Кабул се искачи на 57, а 119 луѓе се ранети. Меѓу загинатите има 21 жена и пет деца, велат властите.
Нападот се случил во центар за регистрација на гласачи во шиитска населба во западен Кабул, каде што голема група луѓе чекала да си ги подигне националните идентификациски картички.
Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот. Оваа организација и претходно извршуваше напади во шиитскиот дел на градот.
На 14 април почна регистрирањето гласачи во Авганистан за долго одложуваните парламентарни избори закажани за октомври. Изборната администрација оцени дека безбедноста е најголем предизвик, со оглед на тоа што талибанците и други екстремистички организации контролираат голем дел од земјата.