НАТО донација од 60 респиратори за амбулантни возила
Претставици на македонската влада вечерва на скопскиот аеродром примија донација од 60 респиратори од НАТО Доверливиот фонд за одговор на пандемијата во вредност од над 1,4 милиони евра.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за надворешни работи Бујар Османи се заблагодарија за помошта, која како што рекоа „е суштинска и неопходна за ова време на пандемија.“
Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО во февруари 2020 година.
Медицинската помош ја најави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на почетокот на октомври.
Шекеринска посочи дека средствата од 1,4 милиони евра се донирани од страна на УСАИД, односно САД, и се дел од залихите на НАТО лоцирани во Италија.
Помошта пристигна во Скопје со авион на италијанското воздухопловство, финансиран од страна на Луксембург.
Османи рече дека во време со предизвици кога вирусот е се поопасен, најважана е солидарноста меѓу луѓето, но и меѓу дрќавите и сојузниците.
Министерот за здравство Филипче објасни дека станува збор за донацијата на респираторни машини кои се користат за транспорт на пациенти во амбулантни возила од една болничка установа во друга.